Македонија со најдобра позиција во регионот за автомобилски инвестиции29 oоктомври, 2009, Грац, Австрија. Министерот Самак ја презентираше Македонија на панел дискусијата за автомобилските инвестиции во Југоисточна Европа при Автомобилскиот форум во Грац, Австрија. На панел-дискусијата се говореше за пазарот и инвестиционите можности во регионот, со посебен акцент на Македонија, Хрватска и Војводина. Според анкета на повеќе од 100 менаџери од автомобилската индустрија, над 50% од нив очекуваат да преселат погони во поевтини региони и земји во наредните 2 години. „Македонија има не само најниски трошоци, но и голема предност во знаење и потенцијал која постоечките странски инвеститори успешно ја реализираат”, истакна министерот Веле Самак. Учесниците на панелот, меѓу кои беа претставници на автомобилски добавувачи и регионални институции, изјавија дека кризата ги успори неминовните инвестиции и дека Македонија ја има една од најдобрите позиции да го привлече новиот инвестициски бран. Меѓународниот Автомобилски форум во Грац, 11-ти по ред, е збир на најугледните автомобилски производители и добавувачи од Германија, Австрија и Централна Европа. На форумот, на кој учествуваа над 300 претставници и генерални директори на компании, се дискутираше на повеќе теми за иднината на автомобилската индустрија. Дополнителни говори одржаа Зигфрид Волф од Магна и Карл-Петер Фостер од Опел околу иднината на нивниот договор за спојување и што значи тоа за индустријата. Оваа година е една од најтешките за автомобилската индустрија која претрпува од 30% до 50% загуби во споредба со 2008 година. Проценките на повеќе директори и аналитичари се дека производството ќе се враќа полека се додека во 2012 година не го достигне минатогодишното ниво. „Иако преовладува страв кај повеќе фирми, конкуренцијата и притисокот не се намалени и денес менаџерите треба да размислуваат колку се подготвени за 2012 година и што прават во меѓувреме за да ја надминат конкуренцијата” истакна министерот Веле Самак за време на панел-дискусијата. Една од клучните теми на форумот беше и електричната мобилност на возилата во иднина, кои технологии и производители на коли ќе успеаат да ги совладаат технолошките предизвици за електрични возила и што треба владите да помогнат во овој тренд. На Форумот, министерот Самак имаше поедниечни средби со претставници на компаниите Магна Интернационал, АВЛ Лист и Вогел и Нут, околу инвестиционите можности и планови за Македонија. Министерот без ресор Веле Самак е задолжен за привлекување на странски инвестиции. Контакт: Министер Веле Самак, Ilindenska bb, 1000 Skopje, Tel: +389 2 3121 046; Fax: +389 2 3223 503 |

