Дали се што оди надолу, мора да се врати нагоре: Глобалната Криза и Потенцијалот за МакедонијаТекстот подолу беше објавен во три продолженија во дневникот весник Нова Македонија:
18ти Јули, 2009 Неодамна присуствував на самит во Лондон каде еден аналитичар постави просто прашање: “Дали се што оди надолу во кризава мора да се врати нагоре?” Публиката, околу 600 делегати на глобални фирми кои нудат или бараат релокација на труд (outsourcing), со нетрпение ги очекуваа предвидувањата за нивните бизниси. Ова прашање е актуелно пошироко од оваа индустрија која оперира со центри за повици, финансиски сервиси и анализи, или развој на софтвер во земји кои се простираат од Чешка до Филипините. Денешната економска криза, најдлабока во последниве 30 години според сите параметри, ги доведе во прашање различните економски модели. Веќе 9 месеци по банкротирањето на Лиман Брадерс и почетокот на ледниот период во финансиите, се гледаат првите знаци на одмрзнување и раздвижување. Воедно, доста се говори за врвот на американската економија и глобална моќ, за евентуалниот пресврт на моќта кон Кина, Русија, или Бразил, за замена на доларот како резервна валута, и за некој нов финансиски поредок. За жал домашните „експерти„ појачани од некои медии се однесуваат како хемофиличари во допир со бројки и наместо решенија нудат само прикаски. Затоа ќе видиме како САД и Европа, нашите највлијателни партнери, се справаат со кризата и какви конкретни можности нуди тоа за Македонија и нашиот понатаможен развој Да започнеме од САД. Според табелата, во Америка е забележано најблаго паѓање на БДП во последните 3 квартали споредено со останатите големи развиени економии, паѓање кое лесно се споредува со македонскиот БДП. Сепак овие бројки ја затајуваат длабоката реконструкција во америчката економија последниве 9 месеци. Вол Стрит, местото каде што јас и илјадниците најдобри студенти од врвните колеџи со голем елан ја почнавме својата кариера, не е повеќе она што беше. Воведен е нов правилник за игра, Владата на САД се издига како најважниот и најагресивен акционер, а нови регулации на финансиските инструменти се на повидок. Денес оваа индустрија според моите колеги, е долината на невработеност и страв. Но, токму затоа, прочистувањето на загубите е при крај, рекапитализацијата на банките завршува и тие почнуваат да ги враќаат влоговите на Владата на САД. Централната Банка (Фед) е еден од најголемите резервни купувачи на хартија од вредност во моментов и спроведува се она што е во нејзина можност за да го одмрзне финансискиот систем. Финансирањето се враќа, пазарите се раздвижуваат и оптимизмот добива елан. Според последните показатели, залихите кај фирмите во САД се скоро потрошени, широката потрошувачка се држи на благо ниво, што означува дека потребата од ново производство е на повидок, а стимулативните мерки почнуваат да даваат резултати. Остануваат уште неколку сфери во САД кои допрва ќе претрпуваат загуби, на пример, комерцијалните недвижности, но најтешките реформите веќе се спроведуваат и довербата се враќа. Идниот потенцијал на една економија или земја зависи од денешната големина, од изворот на луѓе и капитал во иднина, како и системот кој ги става во функција. САД покажа дека поседува најдинамичен економски систем кој ефикасно се справува со предизвиците на длабоката криза и е подготвен да го поднесе товарот на огромните трошоци и загуби со цел да се позиционира за нов раст. Во моментов економијата на САД (над $14 трилиони долари) е поголема од економиите на Јапонија, Кина и Германија заедно, а само бруто индустрискиот сектор е поголем од целиот БДП на Кина. Еден од главните фактори за развој е населението, поготово младото население во иднина, затоа што тоа е нова работна рака и потенцијални потрошувачи на пазарот. Америка со население од 44 луѓе на км2 има густина на населеност помала од светскиот просек. Споредено со ЕУ, Германија и Кина, САД поседува огромна територија за развој преку ново население од наталитет и имиграција. Македонија во споредба, располага со надпросечен потенцијал во Европа за економски раст само од овој фактор. Другиот фактор, изворот на капитал ја зголемува продуктивноста на населението и нивните идни приходи. Експресното справување со финансиската криза во САД, особено преку неконвенционални мерки, покажа колку брзо се ремонтира и овој мотор на развојот, за кои детали ќе се осврнам подолу. Покрај рекордните буџетски дефицити, зголемувањето на јавниот долг во САД и воедно земајќи ги во предвид и сите загуби, испаѓа дека доколку сите долгови би се исплатиле, на американското население им останува вкупно нето вредност од над $50 трилиони, или 4 пати од годишен БДП. Како одговор на првото прашање, големината на Америчката економија и нејзиниот растечки потенцијал барем до 2050 година не ќе можат да бидат заменети. Останува прашањето што ќе се смени во следните 5 до 10 години. Како што сите детално го разгледуваат одбранбениот буџет на САД да ја видат нивната воена поставеност и политика, така денес можете да ја видете насоката на индустриската политика на САД. Претседателот Обама ја искористи кризата за да спроведе длабоки реформи во здравството, енергетиката и иновациите во „зелената” индустрија. Една негова цел е да се дуплира производство на струја од обновливи извори за само 3 години со буџетот кој предува: $15 милијарди годишно за обновливи извори од ветер, соларна енергија, био гориво и поефикасни возила; $2.5 милијарди за електрични батерии; $11 милијарди за обнова за електрична трансмисија, $8000 субвенција за секое електрично возило, итн. Првите стимули веќе ја погодија автоиндустријата која во САД претставуваше една од по-неефикасните сектор. Со агресивно преструктуирање и ваков буџет, САД намерава брзо да ги надмине конкурентите преку нови технологии. Форд, Нисан и Тесла минатиот месец ги добија првите милијарди помош за нови фабрики за електрични возила и батерии. Всушност, технологијата за литиумски батерии и електрични мотори ќе биде клуч во наредните децении. Мое лично предвидување е дека во 2015 година во САД ќе има над 1 милион нови електрични возила на патиштата. САД ќе остане најголем производител на обновлива енергија од ветер, сонце и геотермални извори, и постепено ќе ја намалува зависноста од увозна нафта на патот кон енергетска независност. Разликата меѓу САД и Европа во автомобилската индустрија ќе стане се подрастична во наредните години. Додека во Европа нема авто-брендови на работ на банкрот, за жал имаме хроничен вишок на капацитетите во последниве 10 години. Во изминатите 5 години, вработеноста во Европа во автоиндустрија беше стабилна на 2.3 милиони, додека во САД, со сите тешкотии се намали од 1.1 милиони на 781,000 луѓе. Ова укажува на фактот дека постои 35% вишок капацитет односно 7 милиони возила во Европа, додека во САД, вишокот ќе изнесува околу 3 милиони возила. Вработеноста во Европа се држи на два столба: субвенции за плати во време на криза и во моментов субвенции за нови мали возила кои чинат околу 2-3000 евра. За жал, ваквите субвенции во продажбите на мали возила, според сите фирми со кои водиме дискусии, се како дрога за зависник, помагаат денес но ќе болат идната година кога потрошувачката нема ни најблиску да се врати на ниво на 2008. Заради национална определба во државната помош во ЕУ, темелна реконструкција во авто индустријата ќе се одложува, консолидацијата ќе оди постепено, а конкуренцијата ќе ги присили само најхрабрите да инвестираат почнувајќи од 2010 год. Справувањето со овој вишок ќе има директно влијание во Македонија, но потекнува делумно од задоцнетото (не)решавање на банкарскиот проблем во Европа. Според ММФ, загубите во европските банки се околу $900 милијарди. Тие не потекнуваат од Америка, но од бабулето во некретнини во Европа. На пример, 80% од стамбените кредити во Унгарија во минатите 2 години се со девизна клазула во швајцарски франци. Милјардите инвестиции во Бугарија, омилени за нашите медии, денес се само замрзнати, недовршени или неисплатливи имоти. Според последните статистики, во Шпанија поради ефтините евро-кредити минатите 2-3 години изградени се повеќе домови отколку во Англија и Германија заедно! Со издувањето на ова бабуле, најпогодени се Австриските, Италијанските, Белгиските, и Шведските банки, додека Германските ландес-банки се соочуваат со 200 милијарди евра загуби. Европската Централна Банка (ЕЦВ) прави се што може, вклучувајќи ги последните $600 милијарди кредити од 1% за докапитализација и ликвидност во банките. Но кризата покажа сериозен структурен недостиг: недоволно меѓу-национална и институционална координација, различни интереси меѓу земјите-членки, и недоволно регулаторна моќ. Додека САД е прикрај со реформите во банките, во Европа допрва треба да се завршат срес тестотовите на банките. Мандатот на ЕЦБ е исто така лимитиран на поставување камати, но не и дава регулаторна улога да координира акции за спасување или затворање на банки или моќ да ги принуди банките да ја користат новата ликвидност. Затоа, за 24 часа од овој ликвиден бран една третина од капиталот наместо во фирми се врати назад во ЕЦБ. Предизвикот во Европа ќе биде што поскора реформа на банкарскиот систем, прочистување на загубите и до-капитализација на банките. Ова е критично за Европа бидејќи фирмите таму традиционално, над 70%, се финансираат преку банки, додека во САД тие прво издаваат хартии од вредност каде пазарот за капитал е подлабок. Многу фирми уште од Јануари ни посочуваат дека и покрај инвесиционите можности, нивните планови се замрзнати поради недостиг на работен капитал и инвестициони кредити. Од ова се гледа дека во моментов потенцијалот за финансирање на инвестиции е далеку подобар во Македонија отколку во Европа. Нашите банки и стопанство треба ова максимално да го искористат заради конкурентните трошоци кои ги има Македонија. Фирмите во Европа ни посочуваат дека очекуваното подобрување не дојде во вториот квартал, а веќе и третиот е изгубен. Во многу сектори, не само што е паднат бизнисот од 20% до 50% помалку од минатата година, но и не постои прегледност за порачки во наредните 6 до 12 месеци. Охрабрувачки се коментарите на забрзаното трошење на залихите, кои иако негативно делуваат на БДП, сепак се позитивен знак за ново производство во 3иот и 4от квартал, како и нови порачки поврзано со стимулите во САД. Многу компании ова лето ќе анализираат каде се, што ќе се врати а што неповратно ќе се смени во бизнисот, со цел на крајот на септември да прават планови за 2010 година. Соочени со вишок капацитет и намалени порачки, фирмите бараат нови пазари и намалени трошоци. Затоа очекуваме ново темпо на инвестиции кон крајот на 2009 проследено со прочистување на билансите кај банките кои во западна Европа се уште го држат клучот. Од ова доаѓа и оптимизмот за Македонија, не само како држава со докажана стабилност, туку и како земја која поседува голем потенцијал за домашниот и странскиот капитал. Покрај нашите евроатлански аспирации, битно е да се нагласи колку добро се држиме на сопствени нозе и како кандидат. Еден таков успех е втората емисија на еврообврзници со каматна стапка за 0.5% пониска од компарабилни обврзници од Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, надвор од евро-зона, и со повисок кредитен рејтинг од Македонија. Ако нешто претставува најобјективна проценка за стабилноста на земјата и нашата иднина, тоа е пласман на обврзници кај приватни странски фондови кои прават најбрутална проценка за Македонија. Воедно, во екот на оваа рецесија кога зборот инвестиција е табу во околните земји, странските фирми не се занимаваат со медиски игри, но телемно ја прегледуваат Македонија гледајќи во нас излез од кризата. На крај, Америка ќе остане водечка економија и сила барем до 2050 година, што го оправдува нашето стратешко партнерство со САД. Но денес нашите најголеми трговски партнери (Србија, Германија и Грција) се во Европа, каде и недвосмислено се приближуваме политички. Затоа, македонските бизниси треба да бараат потенцијален пазар во САД за да се балансира економската зависност од европските пазари и да се зголеми трговската размена која е само $120 милиони годишно. Нашите производни трошоци во целина се еднакви со Кина, а јазично и културно сме поблиски за outsourcing активности. Системските предизвиците во ЕУ ќе воведат нови реформи и правила кои ќе имаат директно влијание во Македонија. Институциите од ЕУ ќе треба да ги погледнат позитивните примери од други земји за реформи и справање со кризата. Домашните банки треба агресивно да ја искористат својата финансиска стабилност и капацитет за кредитирање во извозна полза на домашните фирми. Македонските фирми, гледајќи го примерот на Полска во рецесијава, треба агресивно да ги зациментираат своите позиции во ЕУ, и да си ги прошират пазарите како во САД така и во други големи пазари. Во кризата се прават профитите. Автор, Веле Самак, Министер за привлекување странски инвестиции во Владата на Република Македонија.
Извор: Еуростат, Државен завод за статистика на Р.Македонија
Извор: Статистика на ОН |



