Со критики од омраза не се носат странски инвеститори

Самак: Не го разбирам Ташковиќ. Можеби нема толку работа и има многу слободно време, па се занимава со мене. Но од него не би сакал да чујам ниту пофалби
Веле Самак влезе во владиниот кабинет како министер задолжен за странски инвестиции директно од корпорацијата „Мајкрософт“ и од местото маркетинг-менаџер одговорен за американскиот пазар за производи за деловна интелигенција. И покрај перманентните обиди во Македонија да се создава негативна перцепција во јавноста за неговата работа, вели дека не жали за одлуката да се врати и да помогне. Особено откако во 2007 и 2008 година во Македонија влегоа безмалку една милијарда евра странски инвестиции. Со него разговараме за идните можности на Македонија и за нејзината положба во рамките на светската економска криза.
Вие сте еден од најнапаѓаните министри во Владата на Никола Груевски, особено во последните две години, откако почна светската економска криза. Колку, според Вас, има објективност во тие критики?
Самак: Искрено, ми треба лупа за да најдам објективни критики. Тие се главно базирани на омраза, а не на факти. Моите резултати во привлекување инвестиции се доста позитивни за Македонија. Во 2008 година спроведовме над 200 директни презентации пред странски директори, а во 2009-та над 260. Разликата е во економскиот амбиент во светот: додека во 2008-та, пред почетокот на кризата, организиравме 21 посета на заинтересирани компании, две конференции во Македонија, придобивме 23 проекти и заокруживме неколку од нив, во 2009-та, во екот на кризата, многу од планираните работи беа одложени. Преку намалените контакти рано ја почувствуваме кризата, но семето посеано за иднината остана. Сепак, тоа време ни овозможи пореално да донесеме одлука со кои компании и на кои индустрии во иднина да не губиме време, зашто сметаме дека таму нема потенцијал, и да се сконцентрираме кон пазари и компании со најголем потенцијал во наредната една или две години. Тоа што е битно за нас, како мала земја, е да бидеме неверојатно упорни и присутни во светот, за постојано да бидеме во свеста на странските менаџери и да не им дозволиме да помислат на друга земја. Само тоа може да ни донесе успех.
Во последно време, покрај политичките противници, еден од најекспонираните ваши критичари е поранешниот ваш колега Глигор Ташковиќ.
Самак: Не го разбирам Ташковиќ. Можеби нема толку работа и има многу слободно време, па се занимава со мене. Но од него не би сакал да чујам ниту пофалби. Што се однесува до критиките од опозиционите експерти, како Беџети, Фити, Јакимовски и други, тие само ме уверија дека не знаат што е тоа странски инвеститор. Таков и да им тропне на врата, нема да знаат што да прават. Јас дипломирав на светски најдобриот факултет за економија, каде што професори ми беа нобеловци. Не се плашам од критика, ниту сум суетен за да не побарам совет. Но со демагогија и со омраза кон сопствената земја не се носат странски инвестиции. И покрај сите реформи во Македонија, спроведени и тие што ќе се спроведат, мора да верувате во себе и во својата земја, за да убедите некого да дојде како инвеститор. Таа битка се води надвор од Македонија, а не по домашните медиуми.
Каква е моментално состојбата во светот со економската криза? Кои се сигналите што ги испраќаат финансиските пазари?
Самак: Постои една засилена доверба во порастот на САД, каде што стимулациите што ги овозможија претседателот Барак Обама и неговата администрација покажуваат ефекти. Порастот во Азија има инфлациски ризик, особено во Кина, каде што извозот е драстично намален, расте инфлацијата, а САД притискаат за зајакнување на јуанот, што може да доведе до внатрешен социјален притисок. Што се однесува до Европа, дојде до слабеење на еврото поради бавната реакција на државите од еврозоната во носењето антикризни мерки и фискални стимулации за да се излезе од кризата. Шлаг на тортата во слабеење на еврото е банкротот на Грција и крајно ризичната ситуација во некои други евродржави. Состојбата воопшто не е розова, иако слабото евро му помага на македонскиот извоз, а делумно и на германскиот, сеедно што Германија во голема мера извезува во ЕУ. Разликата меѓу САД и ЕУ е што американските банки уште минатата година ги исчистија билансите и се рекапитализираа, а Европа е во почетокот од тој процес, што допрва значи отпишување загуби, стечајни постапки и недоволно капитал за кредитирање на европските фирми.
Кои се клучните држави во светот чие економско закрепнување е битно за Македонија?
Самак: Земјите од ЕУ, особено Германија, сé уште се клучен пазар за нас. Но, реков, антикризните мерки во Европа задоцнија, а отсуството на стимуланси за европската економија по примерот на тие во САД и во Азија го чувствуваат и некои наши компании. Ова е можеби добра лекција за тоа дека паралелно, македонските фирми својата конкурентна позиција треба да ја пласираат и на другите пазари, како тие во САД, Русија, Турција, Полска итн.
Може ли да се направи споредба во таа борба за привлекување инвестиции со претходниот период?
Самак: Владите на СДСМ не сакаа странски инвестиции, освен приватизација на домашните монополи. Инаку, не ќе имавме катастрофална транзиција. Чешка, Словачка, Полска, Словенија, Унгарија, во транзицијата привлекоа странски инвестиции, ги реформираа капацитетите без масовни отпуштања и изградија траен систем за поддршка на странскиот капитал. Тоа им овозможи влегување на моќни брендови и создавање успешни приказни во потрагата по нови инвестиции. Кај нас тоа не беше случај.
Кој е главниот проблем на Македонија при привлекувањето странски инвестиции?
Самак: Странските компании сé уште лесно ја игнорираат Македонија. Нашиот прв бран на реклами и директен пристап обезбедија кај нив свест за нас, но тоа денес мора да се претвори во активен интерес и неминовност во нивните планови да се вклучи и Македонија. Колегите од Сингапур, Ирска, Германија, од чии искуства црпиме, работат на истиот начин, само што тие го прават тоа 20-30 години. Нема замена за трудот и за упорноста.
Според анализа на Светската банка, за една послабо развиена земја да се приближи до развиените потребен и е континуиран пораст на БДП од најмалку 7 отсто годишно во период од 25 години. Може ли Македонија да дојде барем блиску до такво темпо на развој?
Самак: Македонија ќе расте побргу со зголемување на капиталот и со зголемување на работната популација. За ова треба стратегија, зашто нашата држава нема стратегиска длабочина: немаме голем домашен пазар, немаме ресурси и суровини и немаме голем капитал. Значи, мораме да бидеме извозно ориентирани, со агилни работници, со трговски релации и непречена логистика. Ни треба и долгорочно инвестирање во образованието, зашто денес се потребни постојано учење и надградба. Од друга страна, бадијала ви се економисти и инженери ако немате производство. Странските инвестиции се дел од решението, а стратегијата треба да ни покаже каде сакаме да одиме, зашто не можеме да и угодиме на секоја фирма. Јас барам производство што ќе ја апсорбира денешната работна сила, но и кое ќе ни изгради мостови за иднината: електроника, чипови, медицински продукти, роботика, софтвер итн. Исто така, домашниот капитал мора да биде поактивен, а банките поагресивно да кредитираат. Работиме на повеќе идеи, една од нив е и таа на премиерот за еквити-фондовите.
По оптимистичките бројки за инвестициите во периодот 2006-2008 година, евидентна е сегашната осека. Какви се можностите тоа да се промени?
Самак: Нашите анализи покажуваат дека во периодот 2006-2008 дојде до крај на еден инвестициски циклус во светот. Нашиот агресивен пристап имаше добар одѕив, кон крајот на 2008 година сé уште постоеше интерес за Македонија, но тогаш почнаа одложувањата. Во 2009 година веќе владееше кризата, а проектите без замрзнати. Оваа 2010 година почнаа стабилизирањето и раздвижувањето на економиите. Денес веќе имам двапати повеќе проекти од минатата година. Очекуваме барем за некои од нив да биде донесена одлука годинава. Сé почести се и дискусиите за идни проекти, а директорите размислуваат каде би сакале да се најдат во наредните три години, така што мислам дека сме во почетокот од нов глобален инвестициски циклус. Имаме одлични перспективи, но и силна конкуренција. Со постојана агресивност, остануваме во игра и не смееме да ја загубиме топката.
Една од дилемите што постојат во јавноста е давањето бенефиции на компаниите што инвестираат кај нас. Дали им плаќаме на странците за да инвестираат во Македонија?
Самак: Секоја нова инвестиција значи нови вработувања и плати за семејствата на вработените. Колку бенефиции би и дале на една фирма за да ви обезбеди, на пример, 1.000 вработувања? Всушност, секоја држава, развиена или неразвиена, им дава бенефиции на инвеститорите. САД понекогаш предничат во тоа, во некои случаи дури се оди на даночни ослободувања за 20 години. Државите од ЕУ исто така се доста агресивни на овој план. Неодамна на средбата со луѓе од „Бош“ разгледувавме проекти за наредните две години, а еден е фабрика за литиумски батерии што ја нема во Европа. Јас ја истакнав важноста на ваков проект за Македонија и дека сме подготвени да направиме сé што можеме за да го добиеме. Директорот беше импресиониран, но ме предупреди на големите земји од ЕУ, кои веќе нуделе огромни грантови. Јас не би се откажувал од ваква стратегиска технологија за Македонија. Накратко кажано, бенефициите се нужни кога сакаме вработувања и кога сме во трка со други земји.
Линк до интервјуто на интернет страницата на дневниот весник Нова Македонија.